Одбележана годишнината од нападот на Аџитепе и Куманово
Претставници на локалната и централната власт, амбасади, совети, невладини организации, политички партии и граѓани, како и здруженија на борци од Куманово, Врање и Бујановац, денеска пред Споменикот на авијатичарите оддадоа почит на загинатите во битката на Аџитепе во Втората светска војна.
Нападот во Куманово, започнал на 6 април 1941 година во 4:30 часот наутро, кога на денешниот спортски аеродром Аџитепе, на местото наречено „Режановачка коса“, биле нападнати и уништени авиони на Кралското југословенско воздухопловство. Притоа, 15 пилоти, офицери и војници ги загубиле животите. Тие биле првите жртви на Априлската војна во 1941 година.
Претпладнето, додека се водела воздушна борба, германските авиони ја бомбардирале железничката станица, нејзината околина и железничката пруга. Бомби паѓале и врз самиот град. Попладнето, околу 16:00 часот, биле бомбардирани и други објекти во центарот. Била урната покривната конструкција на зградата на Општината, имало експлозии кај основното училиште, новата црква, во близина на старата гимназија, кај воената пекарница, околу поштата, како и над добиточниот пазар, каде што се наоѓале магазините на Проевски сокак. Имало и цивилни жртви, а загинале и 15 војници кои се наоѓале на позиции во близина на старата воена болница во Средорек.
Одбележувањето на 85-годишнината од денот на нападот го организираше Српската заедница во Македонија, а на присутните им се обрати претседателката Гордана Јовиќ-Стојковска.
„На оваа територија влегле првите авиони на германската авијација, а не во Белград, како што најчесто се истакнува. Нашите сили немале модерни авиони, но нивната храброст била посилна од воената машинерија на тогашното германско вооружување. Ги дале своите животи како први камикази на овие простори – свесни за силата што стои пред нив, се удирале во непријателските авиони за да го забават нападот“, изјави Јовиќ-Стојковска.

Таа додаде дека за сите генерации кои живееле во поранешна СФРЈ, 6 април претставува ден на ужас и сеќавање на настан што предизвикал страдања, уништување на инфраструктурата и многу изгубени животи.
Јовиќ-Стојковска посочи дека, во време на големи светски превирања, неопходно е да се зачуваат мирот и стабилноста во регионот, бидејќи малите балкански држави не можат да влијаат врз тековите на светската историја.