Отворена изложбата на слики од меѓународната ликовна колонија „Карпино“
Традиционалната изложба на слики од Меѓународната ликовна колонија „Карпино 2017“, синоќа беше отворена во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, по повод Денот на ослободување на Куманово.

Во наредните десетина дена публиката ќе има можност да ги види сликите на 21 домашен и меѓународен автор, кои годинава учествуваа на нашата позната ликовна колонија, која 15 години се организира во манастирот Карпино и комплексот „Грација“.
На свеченото отворање на изложбата, обраќање имаа градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски и претседателот на мултимедијалното здружение „Карпино“ Зоран Павловски.
„ На колонијата беа изработени триесетина дела во разни техники, пред се од масло на платно, акрил, колажни техниким и др. Морам да напоменам дека во изминатиот период поминавме многу добро и лошо, но со многу труд успејаме да си го најдеме своето место и да се наметнеме како сериозна и почитувана ликовна колонија. Се надевам дека ќе издржиме уште многу години на задоволство на уметниците и граѓаните на Куманово“, - изјави Павловски.
Годинава, Колонијата беше домаќин на уметници од Полска, Романија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Србија и Македонија.Меѓу авторите кои твореа се:Валентина Илиевска, Елеонора Накевска, Мирослав Величковски, Божица Милојевиќ, Страхил Петровски, Немања Јовановиќ, Томе Нешковски, Мики Трендафиловски, Александар Симоновиќ, Кармен Балан и други.
Оваа година Колонијата слави јубилеј 15 години постоење и успешна работа, а изложбата е една од подобрите.