Оваа учебна година ќе се затворат 26 рурални училишта без запишани првачиња
Околу 26 рурални училишта во земјава се очекува да бидат затворени до крајот на учебната година, бидејќи во нив нема запишано првачиња, а во дел од нив наставата ја следат само по неколку ученици.
Ова го посочи министерката за образование Весна Јаневска, која нагласи дека целта е подобрување на квалитетот на образованието и поголема социјализација на децата.
Според неа, во основното образование во моментов има околу 200 паралелки помалку, додека во средното образование бројот е намален за околу 100 паралелки.
Министерката кажа дека преструктуирањето се прави со цел учениците да имаат подобри услови за образование и социјализација, наместо да бидат изолирани во мали училишни средини.
„Не сакаме нивно изолирано постоење во одредена рурална средина каде што владеат одредени принципи и стереотипи и каде што квалитетот на образованието не може да биде соодветен поради малиот број ученици“, рече таа.
Особено проблематични, според Јаневска, се комбинираните паралелки со ученици од повеќе одделенија.
Таа објасни дека целта не е само децата да научат да читаат и пишуваат, туку да стекнат пошироки знаења, да разбираат математички процеси, природни феномени и општествени појави.
Сепак, кажа министерката затворањето на училиштата нема да се прави без да се земат предвид оддалеченоста и условите за патување.
(Фото архива: Подрачно училиште село Никуљане)