„Пиле копче“ сувенир на Општина Куманово за оваа година
„Пиле копче“- женски накит од традиционалната народна носија од 20 век, карактеристична за кумановскиот регион е новиот сувенир на Општина Куманово.

Сувенирот го изработи дизајнерот Јелена Спасовски за што ќе доби награда од 30.000 денари за најдобро решение на овогодинешниот конкурс за сувенир на градот, кој го распиша Општината.
„Пиле копче“ е женски брош кој го носеле исклучиво невестите. Се изработува од срмен конец“,- изјави Спасовска.
Авторката има обврска да изработи 10 примероци од овој сувенир, кој Општината ќе го користи при промоција на градот.
Градоначалникот Димитриевски изрази задоволство што имало голем број креативни луѓе кои пројавиле интерес за учество на конкурсот и кои изработуваат вакви дела.
Конкурсот беше објавен во рамки на програмата за општа туристичка пропаганда. Ова е втора година како се реализира, а годинава учествуваа десетина уметници. За потребите на конкурсот формирана беше комисија која го избра овој сувенир, со кој Куманово ќе се презентира во тековната година.