Поголема контрола на младите за летниот распуст, порачува полицијата
Родителите и институциите да водат поголема грижа за учениците и младите во текот на летниот распуст, порачуваат од Кумановската полиција.
Отсекот за превенција при СВР Куманово, апелира младите да се ориентираат кон спортот, музиката, игра и песна без насилство и асоцијално однесување.
„Сите треба да обрнеме поголемо внимание и грижа за младите, односно малолетните лица, кои во наредниот период ќе имаат повеќе слободно време. Упатуваме порака дека на децата им треба родителска љубов, грижа и внимание, поголема комуникација за да не дојде до злоупотреби кои малолетните лица можат да ги направат кога се без контрола“, - изјави Виолета Богдановска, од отсекот за превенција во СВР Куманово.
Заради анимирање на младите викендов како дел од проектот „Сите заедно за безбедно лето, на градскиот плоштад се одржа културно-уметничка програма и „Игри без градици“, на кои учествуваа ученици и родители од кумановските училишта, невладини организации, Црвен крст, Општината и СВР Куманово.