Претседателот на Советот упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври
Претседателот на Советот на Општина Куманово, Александар Арсиќ, во свое лично име и во името на Советот на Општина Куманово, до сите граѓани упати честитка по повод 11 Октомври – Денот на народното востание во Република Македонија.

„ Ноќта спроти 11 Октомври 1941 година е нераскинливо поврзана со слободата, со копнежот, со вистината, со правдата. Пред 76 години, знајни и незнајни борци, со визија за слободна, независна и просперитетна Македонија, во Прилеп и Куманово, ја почнаа народно-ослободителната борба. Во тие тешки времиња, Македонците ја одбраа страната на слободата рамо до рамо заедно со сите народи кои храбро му застанаа на патот на фашизмот како најголема закана за човечштвото. Македонскиот народ успеа да се избори за слободата, благодарение на храбрите херои кои ги положија своите животи за Македонија.
Денес, после 76 години од почетокот на македонската борба за ослободување од фашистичкиот окупатор, овој народ има со што да се гордее. Благодарение на овие луѓе денес можеме слободно и рамноправно да одиме по патот на европските и евроатлантските интеграции како врвен приоритет во развојот на македонската државност.
По 76 години, денешните генерации со визија за слободна, демократска, економски стабилна земја, членка во евро-атлантското семејство, се пред испитите на исконскиот стремеж. Оваа визија денес е континуитет на надежта и вербата на паднатите борци дека некои други борци по нив ќе го продолжат патот кон безгрижна иднина за Македонија и за поколенијата што доаѓаат.
11 Октомври е ден од Македонската историја, кој не само што е симбол на Македонската борба за слобода, туку е и ден кога е поставен еден од темелите на македонската државност. На овој ден им оддаваме почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народно-ослободителното востание.
Нека ни е честит и вековит празникот 11 Октомври– Денот на Народното Востание во Република Македонија!“, - изјави Арсиќ.