Презентација на опрема и возила „Заедно за граѓаните“
На Градскиот плоштад во Куманово денеска се одржа презентација „Заедно за граѓаните“ во која учествуваа претставници на СВР Куманово, Брза помош, Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) и Црвен Крст.
На презентацијата граѓаните можеа да се запознаат со надлежностите на службите, нивните матерјално-технички средства и меѓусебната поврзаност како институции во заедничко решавање на проблемите на граѓаните.
Претседателката на Советот на Општина Куманово, Атина Мургашанска, истакна дека денешната смотра е показател колку е значајна поврзаноста и добрата соработка на институциите, заради квалитетни, ефикасни и навремени услуги за секој граѓанин на Општина Куманово.
- Денеска имаме можност на дело да ја видиме опремата со која располагаат институциите, но и да видиме кои се проектите кои ги реализирале и кои ги планираат во иднина заедно со Советот на Општина Куманово, кој е покровител, организатор и подржувач на вакви иницијативи, со кои ние како власт ќе бидеме поблиску до своите граѓани и ќе дознаеме како секој од нас може да придонесе заеднички да имаме помирно и побезбедно општество, - изјави Мургашанска.
Виолета Богдановска, началничка на Секторот за превенција, нагласи дека проектот оваа година е посветен на една многу значајна област во која сите сме учесници, а тоа е безбедноста во сообраќајот.
- Да ја потикнеме граѓанската совест од најмалите до највозрасната категорија на граѓани. Да се почитуваат сообраќајните правила и прописи, законите во однос на безбедноста на сообраќајот, да имаме сообраќајна култура за да не ги чувствуваме последиците со големи матерјални штети, повреди и смртни последици, - изјави Богдановска.
Командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски, потсети дека покрај за гаснење пожари нивната служба учествува и во спасување на луѓе во сообраќајни несреќи и елемантарни непогоди. Ги повика граѓаните да побараат помош од нив секогаш кога таа им е неопходна.
На крајот пред присутните беше изведена показна вежба за извлекување на повредени лица во сообраќајна несреќа.
Презентацијата се организираше по повод 8. Септември- Денот на независноста на Македонија.