×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Приватни паркинзи “никнуваат“ во Куманово, локалната власт никако да ги изгради ветените катни гаражи

    27.03.2024 10:04 | Оливера Пешевска

    На повеќе локации во Куманово почнаа со работа приватни паркиралишта, откако локалната власт не ги изгради катните гаражи, кои ги ветуваше пред избори.

    Приватни паркинзи “никнуваат“ во Куманово, локалната власт никако да ги изгради ветените катни гаражи

    Граѓаните кои секојдневно имаат потреба да ги остават своите возила на сигурно ја поздравуваат ваквата одлуката, бидејќи сметаат дека конечно можат да најдат слободно паркинг место, кое уште е и поевтино во однос на јавниот паркинг.

    „Дали се диви или питоми многу ми е гајле. Важно имам каде да ја оставам колата. Порано кошмар ми беше пред да тргнам да завршам некоја работа. Не му ја мислам за два часа да ја тргнам колата, да барам ново место, да праќам пораки и да губам време. Вака сум сигурен, нема да ме крене пајак ни да ми стават канџа. Сите критикуваат за паркирањето по тротоар, а дали имаме доволно паркинзи? Вака, нека му ја мислат тие што што живеат од оваа работа, мене ми е исто,  парите наместо во општински буџет ќе одат во приватни џебови“, вели Бобан Х., кој го најдовме на еден од паркинзите.

    Паркинзи има на локалитетот „Хотел Куманово“, веднаш до паркингот на ЈП „Куманово-паркинг“, на неколку парцели во близина на Зелениот пазар, во Општата болница Куманово, кај добиточниот пазар во Долно Којнаре - генерално онаму каде што има и најголема потреба за паркирање на граѓаните и недостаток од паркинг. Цената на паркирањето се движи од 10 до 20 денари за час, или од 30 до 50 денари за повеќе часа, а главно се наплаќа без фискална сметка и потврда за наплатата.

    Дел од пакиралиштата се наоѓаат на полјани или оградени приватни плацеви кои работат на „диво“, но има и такви кои функционираат легално, како приватни правни субјекти со добиена дозвола за вршење на дејност.

    Најново уреден паркинг простор се наоѓа спроти канцелариите на ЕВН, на просторот на поранешен Житомел. Таму е поставено рампа и кабина за наплата на услугата.

    „Паркингот работи легално со добиено одобрение од Сектор за комунални дејности и Секторот за внатрешни работи Куманово. По добиена пријава извршивме вонреден иснпекциски надзор и констатиравме дека нема никаква повреда, субјектот непречено може да продолжи со вршење на дејноста. За оние, пак кои на било кој плац ќе излезат и наплаќаат ние немаме надлежност, тука контролата треба да ја изврши полицијата, затоа што тие имаат ингеренции за непрописно паркирање“, објаснува Лидија Трајковска, раководител на Секторот за инспекциски надзор на Општина Куманово.

    Од ЈП „Куманово- паркинг“ сметаат дека дел од паркинзите се нелојална конкуренција, поради што во повеќе наврати го посочиле проблемот на седници на градскиот совет, но досега немало реакција од надлежните и обиди за сузбивање на ова појава.

    „Нелојална конкуренција постои, ама за тоа има надлежни институции и инспекции кои треба да преземат мерки и да се санкционира ова појава. Кај нас циклично, на периоди се забележуваат остварени паркинг услуги, во периоди на одмори и празници, кога има повеќе странци имаме и поголем обрт, а во некои периоди е намален. Но веќе се познати точните термини, и според очекувањата и плановите, констатно секоја година имаме оставрено приближно ист број на пружени услуги“, истакна Сашо Петрушевски, директор на ЈП „Куманово- паркинг“.

    Во годишната општинска програма за комунална инфраструктура постои ставката за изработка на техничка документација за воведување на нови зони на паркирање. Уште поважно предвидени се средства за изградба на паркинг простор кај Спортската сала во Куманово.

    Во Куманово првото и последно монтажно паркиралиште е изградено во 2019 година со капацитет за 80-тина возила, а чинеше 272.000 евра од буџетот на Општина Куманово.    

    Изградбата на монтажната гаража во центарот на Куманово ги подели граѓаните, бидејќи дел сметаат дека ова монтажно решение не е естетско ни функционално, затоа што ги затвора Плоштадот и Центарот на култура, а обезбедува минимални паркинг места во однос на оние што ги имаше на стариот паркинг простор, додека градоначалникот Димитриевски ја туркаше идејата како неопходна.
     
    Во меѓувреме се најавуваше изградба на монтажни паркиралиште зад ЦКБ бенка и на локација Серава, но  ништо од тоа.

    ЈП „Куманово-паркинг“ стопанисува со околу 500 паркинг места во неколку зони во градот, но тоа не е доволно да се задоволат потребите на граѓаните.