Царинската управа доби 26 специјализирани возила и опрема вредни 4 милиони евра од ЕУ
Царинската управа доби 26 специјализирани возила и опрема во вредност од околу 4 милиони евра, со поддршка од Европската Унија.
Со тоа Царината ги зајакнува своите оперативни, истражни и технолошки капацитети. Од специјализираните возила, 21 ќе се користи за мобилните царински тимови и 5 за К-9 единицата, а опремата е за потребите на царинската контрола и истраги, како и за откривање недозволена трговија, форензичка опрема и информатичка инфраструктура.
Возилата и опремата денеска беа промовирани на царинскиот терминал Табановце, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас и директорот на Царинската управа Бобан Николовски.
„Ова не се само материјални средства. Ова се алатки со кои нашите царински службеници секојдневно ќе можат поефикасно да ја извршуваат својата работа – да ги препознаваат ризиците, да спречуваат нелегална трговија, да откриваат шверц и да придонесуваат во борбата против организираниот и прекуграничниот криминал“, истакна Николовски.
Покрај зајакнувањето на капацитетите за контрола и истраги, значаен дел од европската поддршка е насочен кон дигитализацијата и олеснувањето на легалната трговија.
„Мораме да покажеме дека криминалот е неисплатлива професија. Царинската управа е на првата линија на одбраната на законот и владеењето на правото и треба да се движи во таа насока. Оваа Влада има сериозна и недвосмислена намера да застане на патот на сите оние кои избрале да бидат сојузници на криминалот“, порача Мицкоски.
Амбасадорот Рокас, кажа дека ова е видот на европска интеграција што граѓаните можат да ја почувствуваат.
„Граничен премин кој функционира подобро, стока која се движи побрзо, бизниси кои се соочуваат со помалку пречки и царински службеници кои располагаат со алатките што им се потребни за да ја гарантираат безбедноста на граѓаните“, истакна амбасадорот.
Проектот е реализиран во рамките на ИПА 2021, преку Акцискиот документ „ЕУ против организираниот криминал, во поддршка на трговијата“.