Мени

Прогласена епидемија на западнонилска треска во повеќе скопски населби

12.08.2026 13:03 | KumanovoNews

Епидемија на западнонилска треска е прогласена во скопските општини Кисела Вода, Гази Баба, Бутел и Илинден, како и во населбите Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.

Прогласена епидемија на западнонилска треска во повеќе скопски населби

„Ова не е ново заболување, присутно беше и претходно, но годинава заради актуелната епидемиолошка состојба, бројот на потврдени случаи и активноста на вирусот наметнаа потреба од засилен институционален одговор“, изјави заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски.

Заклучно со 11 август, регистрирани се вкупно 26 случаи, од кои 25 се во Скопје, а еден во Велес. Дваесет и две лица се на возраст над 60 години. Починал 83-годишен пациент, кој имал и други заболувања.

Станува збор за автохтони случаи, односно инфекции стекнати во земјава. Само едно од лицата претходно патувало во Грција. Сите пациенти се со невроинвазивна форма на заболувањето.

Најголем дел од заболените се повозрасни мажи над 60 години, кои претежно работеле земјоделски и градинарски работи во приквечерните и раните утрински часови.

Здравствените власти им препорачуваат на граѓаните да поставуваат заштитни мрежи на прозорците, да користат средства за заштита од комарци и да не излегуваат кога заоѓа сонцето и рано наутро, кога комарците се најактивни.