Свечена академија по повод Денот на ослободувањето на Куманово, доделени и Ноемвриските награди
Прославата по повод 11 Ноември – Денот на ослободувањето на Куманово, денеска продолжи со свечена академија во Занаетчискиот дом во Куманово.
Пред присутните гости се обрати градоначалникот Максим Димитриевски, кој потсети на значењето на овој датум и на борбата на хероите за слободата на градот.
„Овој ден не е само историски датум запишан во нашето минато, туку е вечен симбол на храброста, пожртвуваноста и непокорот на генерациите кои се изборија за слободата на нашиот град. Денес, со должна почит, им се поклонуваме на сите борци и херои кои ги положија своите животи за слободен град, за достоинствена историја и за нашата напредна иднина“, рече Димитриевски во обраќањето.
Тој додаде дека годинава се одбележуваат 82 години од ослободувањето и 507 години од постоењето на Куманово, град со историја исполнета со подеми и искушенија, во кој генерации граѓани придонесувале за неговиот раст и развој, а тој секогаш ја задржал својата препознатливост.
„Денес им оддаваме признание на сите кумановци кои со својата чесна работа дале придонес за развојот на градот, бидејќи историјата не ја создаваат само големите настани, туку и луѓето кои со својот труд оставаат траен белег во својата заедница. Ако претходните генерации се бореле за слобода, нашата обврска е да создаваме можности, напредок, достоинствен живот и подобра иднина за граѓаните. Успехот на еден град не се мери само со реализираните проекти, туку и со насмевките на децата, сигурноста на семејствата и надежта на секој граѓанин за подобра иднина“, рече Димитриевски.
Тој најави дека градот ќе продолжи да се развива во сите сфери на општественото живеење, со поголема енергија и визија.
На свечената академија беа доделени Ноемвриските награди на Шенаси Јусуфи, специјалист педијатар, Бошко Тасиќ, спортски новинар, Марина Цветановска-Мартиновска, уметница, и Стојанка Стојковиќ, поранешна управителка во „Екста Меин“.
Во категоријата правни лица, наградени се КУД „Панче Пешев“, архитектонското биро „Урбан ИНГ“ и спортскиот кик-бокс клуб „Предатор“.
Благодарници од градоначалникот добија ОУ „Вук Караџиќ“, Дејан Илиевски, поранешен командир на Територијалната противпожарна единица Куманово и Планинарското друштво „Козјак 2013“.
Постхумно признанија им беа доделени на Филип Стевановски, музичар, Јасмина Голубовиќ, ракометарка, и Димитар Антевски, професор во пензија.
Во име на наградените се заблагодари Марина Цветановска-Мартиновска, која истакна дека Ноемвриската награда не е само највисоко признание што го доделува Општината, туку и потврда за вложениот труд, посветеноста, истрајноста и љубовта кон работата и родниот град.
Претходно, на Спомен-костурницата беше положено свежо цвеќе во чест на загинатите борци за слободата на Куманово.