Прогласени најуспешните просветни работници
По повод Светскиот ден на учителот, Сојузот на просветни работници на Македонија, денеска во Куманово одржа Свечена академија на која беа прогласени најуспешните учители и професори.

За најдобри просветни работници во 2017/18 учебна година избрани се: Лидија Михајловска „Наце Буѓони“ од Куманово, Љупка Стоименова од „Никола Карев“ Кочани, Сузана Николовска од „Кире Гавриловски Јане“ од Прилеп, Фатиме Алии од „Живко Брајковски“ од Скопје, Гордана Угриновска од „Елпида Караманди“ од Битола и Раде Илиевски од „Рајко Жинзифов“ Скопје.
Заменик министерот за образование и наука, Петар Атанасов, порача дека токму учителите се оние кои создаваат успешни идни генерации, и вети дека преку законски измени ќе работи на подобрување на воспитно-образованиот систем, посебно нагласувајќи дека ќе настојуваат да се скратат сегашните административни обврски.
– Ќе направиме се да добиете поддршка и од централната и во соработка со локалната власт, да може да вложиме и во инфраструктура, надграба на наставните планови, изработка на подобри учебници, но пред се во создавање на добра општествена клима за статутот и улогата на наставникот и учителот во општеството – рече Атанасов.
Лидија Николовска-Георгиевска, претседателка на Сојузот на просветните работници на Македонија, оваа професија ја смета за благородна, но се осврна и на предизивиците со кои се соочуваат учителите.
- Денес учителите се исправени пред низа предизвици, континуирана информатичка едуцираност, добро познавање на детската и развојна психологија, примена на соверемените и интерактивни методи. Виталноста, вербата и достоиството на учителите постојано треба да се развива затоа што тие се заслужни за климата, при имплементација на воспитно образовниот процес, културата етиката и иднината на дражвата секако дека зависи во голема мера од нивната ангаќираност, образованието е најдобар влог во секое општество. Затоа треба да се продолжи на подобрување на статусот на образованието, -нагласи Николовска - Георгиевска.
Градоначалник Максим Димитриевски посочи дека е неопходно да се вложува во подобрување на условите во кои работат учителите и наставниците и го истакна ангажманот на наставниот кадар во вкупниот воспитно-образовен процес.
-Сметам дека е дојдено времето во рамките на нашите заеднички заложби просветните работници особено учителките и учителите да ги трансформираме во образовни работници, а не во административци. Треба да продолжиме во духот на негувањето на сите морални вредности во општеството. Сметам дека и родителите треба да земат активно учество во овој процес на едукација и образование, особено на она што значи елементарна стекната култура на однесување во секојневниот живот. Тоа значи дека сите ние имаме обврска дома да ги воспитуваме нашите деца, а потоа да очекуваме од вас професионалците да ја надополните таа едукација, -посочи градоначалникот.
Во име на наградените се заблагодари Лидија Михајловска, која зборуваше за убавината на професијата просветен работник.
- Се чувствувам многу горда што меѓу илјадници просветни работници во Македонија, заедно со моите петмина колеги ние сме одбрани да ја понесеме оваа награда, за она што сме го направиле изминатите години. Зад сите нас стојат, години и години посветена работа. Ние работиме секојдневно, напорно, професионално и кога ќе погледнеме дека тие деца израснале во личности, граѓани кои ќе ја градат нашата држава и ќе бидат иднина за сите нас, тоа е најголемото задоволство и гордост на секој просветен работник, - истакна Михајловска, добитник на признанието.
УНЕСКО го прогласи 5-ти октомври за Светски ден на учителите во 1993 година, а во Македонија се одбележува од 1994 година. Во фокусот на вниманието годинава, темата е „Право на образование значи право на квалификуван учител“.