Противкандидатите му дадоа поддршка на Димитриевски
Првата средба по преземањето на градоначалничката функција, Максим Димитриевски денеска ја оствари со своите противкандидати од локалните избори.

Башким Османи од Алијанса на Албанците, Дритон Сулејмани од Движење Беса и Бесник Мемети од ДПА, дојдоа во кабинетот на градоначалникот да му честитаат на победата и да му дадат поддршка во спроведување на програмата за подобар живот на граѓаните на Куманово. Отсуствуваше само кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ Зоран Ѓорѓиевски.
„Да се забалагодарам на моите противкандидати што денеска се одзваа на мојот повик и ме удостоија со своето присуство на денот на примопредавањето на функцијата. Искрено жалам што не сме во полно состав, но првенстевно сакам да ја искажам мојата благодарност кон сите нив, во делот на коректно водење на кампања и взаемо почитување. Воедно сакам да ги информирам нив и јавноста дека како градоначалник сум отворен за сите предлози и проекти од нивните програми, кои ќе придонесат за развој на нашата општина, - изјави Димитриевски.
Тројцата кандидати за градоначалник му посакаа успех и се надеваат дека Димитриевски ќе ја реализира програмата која ја вети за избрите.
„Ние ви стоиме на располагање сите заедно да создадеме подобри услови за граѓаните на Куманово за спокоен и мирен живот. Со моето професионално искуство ќе помогнам работите да тргнат на подобро, - изјави Османи, кој по професија е архитект.
„Искрено се надевам дека во овој мандат Куманово ќе се развие целосно, не како што беше до сега. Ние сме тука да помогнеме во проектот за подобар живот на сите граѓани во Куманово“, - изјави Сулејмани.
„ Се надевам дека она што го вети Димитриевски во кампањата, а не беше некое мегаломанско ветување, ќе го реализира. Му посакуваме успех во понатамошното работење, а пред се здравје, - изјави Мемети.
Градоначалникот Димитриевски, подоцна оствари средби и со претставници на верските заедници во Куманoво и директорите на јавните претпријатија.