Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Нела Ивановиќ и Симона Додевска, ученички на Гимназија „Гоце Делчев“ од Куманово, освоија прво место на регионален натпревар по физика, во конкуренција на 16 екипи.
Натпреварот е во организација на Технолошко-металуршкиот факултет Скопје, а учествувале средни училишта од Скопје, Куманово, Крива Паланка, Кратово и Пробиштип.
Учениците презентираа наноматеријали кои наоѓаат или ќе наоѓаат примена во разни области.
„Нела Ивановиќ и Симона Додевска се претставија со материјалот „MHenes“, кој се повеќе наоѓа примена во разни области. Нивното лично видување е изработка на хибридни батерии, со овој материјал, за електрични возила кои ќе имаат поголем капацитет и поголема термичка спроводливост. На тој начин со едно полнење би поминувале повеќе километри и би го избегнале прегревањето и можното запалување“, истакна менторот професор по физика Костадин Димитриевски.
Успешно се претставиле и Јована Лазаревска со Ања Петковска со темата „NiZn батерии“.
На натпреварувањето учесниците пред петчлената комисија од универзитетски професори ја појаснувале својата идеја и замисла, но и било проверувано нивното познавање на темата со која биле пријавени на натпреварот.
Ивановиќ и Додевска импресионирале со презентирање на предложениот хибриден материјал, кој има поголема механичка издржливост, но и неспоредливо поголема примена во споредба со моменталните литиумски батерии, кои се широко распространети за различни примени.
Државниот натпревар ќе се одржи во втората половина на април, во просториите на ТМФ во Скопје. Замислен е како неколкудневен настан во кој се одвиваат и слични натпревари за иновативни материјали и технологии на иднината од областа на хемијата, физиката и медицината.