Пуштена фонтаната „Батко Ѓорѓија“, другите две чекаат поправка
Фонтаната „Батко Ѓорѓија“ на градскиот плоштад во Куманово повторно работи.
Откако беа отстранети дефектите на пумпата и електричната инсталација, фонтаната по три години ја доби функцијата, поради којашто е поставена.
Локалната самоуправа планира во наредниот период да ги оспособи и другите две фонтани: „Три Бандери“ и фонтаната пред Охридска банка.
„Фонтаната „Батко Ѓорѓија“ пробно е пуштена во употреба. Набавени се резервни делови за санирање на дефектите на електрична инсталација и на дел од водоводната мрежа. Планирано е да се интеревнира и на другите фонтани на плоштадот. На „Три Бандери“ ќе се работи на хидроизолација, додека за фонтаната пред Охридска банка потребни се градежни зафати на базенот. Поради тоа ќе се прави пресметка, по што ќе се гради од почеток“, - изјави директорот на ЈП „Водовод“ Горан Стојковски.
Покрај фонтаните ќе бидат поставени табли со предупредување дека не се безбедни за капање, бидејќи може да дојде до електричен спој.
Надлежните апелираат до граѓаните во украсните фонтани да не фрлаат отпад и крпи кои ги затнуваат пумпите и го блокираат целиот систем.