Раскрсницата за „Вруќа вода“ хорор за жителите од населбата
За два месеци четири тешки сообраќајни несреќи се случиле на крстосницата на улиците Трета МУБ и Благој Богдански Гуцман во населбата Зелен Рид.

Жителите од околните куќи се жалат дека им е загрозена безбедноста, бидејќи колите завршуваат во нивните огради и дворови, а дополнителен стрес е кога има повредени луѓе.
Последните две сообраќајки се случиле во новогодишната ноќ, кога околу 1 часот по полноќ возило удрило во бандера, но возачот успејал да го покрене автомобилот и да си замине, а околу 2 часот Голф удрил во ограда и сопатничката се здобила со тешки повреди.
„ Сообраќајката со девојчето беше многу страшна. Девојчето цело облеано во крв и во бесознание го однесоа во болница. Возачот возел брзо и плус заледена улица, кога удри во оградата како земјотрес не стресе. Многу е стресно да се живее тука. Во октомври син ми ќе го прегазеше култиватор кој се преврте по судар со автомобил и продолжи да се движи, додека возачот цел во крв лежеше на асфалтот, а од автомобилот уште две жени и деца цели во крв бараа помош. Син ми за да им помогне за малку ќе настрадаше. Затоа сум толку револтирана, такви стресови доживувам што животот ми го скратија“, - вели Жаклина Вукановска.
Жителите велат дека нивните проблеми започнале пред 7-8 години откако е направена раскрсницата. Возачите не ги почитуваат сообраќајните правила и ограничувањето на брзината, па постојано завршуваат во нивните огради и дворови. Затоа бараат под итно да се најде решение додека некој од недолжните граѓани не платил со живот.
„Таа раскрсница е многу прометна и под итно мора нешто да се смени. Тука возачите летаат, никој не прикочува ни кога деца ја поминуваат улицата, движејќи се на училиште од Проевце и Зелен рид. Минатата година едно возило ќе собереше група од 5-6 деца кои се враќаа од школо. Возачот успеја да ги избегне децата ама ја скрши колата на братучед ми паркирана пред двор. Улицата е хорор. Имам 10 годишно дете кое се наплаши од сообраќајките и не смее во двор да си игра, откако автомобил ќе влеташе и ќе го прегазеше. Тука не е безбедно ни по тротоар да се движите“, - додава револтираната жена.
Решението на проблемот, жителите од населбата го гледаат во изградба на кружен ток или поставување на семафор, како и поголема полициска контрола во овој дел од градот. Бараат од локалната сампоурава и градоначалникот заедно со полицијата да покажат поголема грижа за безбедноста на граѓаните.
До тогаш, на граѓаните им останува само да ги поправат урнатите огради и да се надеваат дека наредното деноноќие нема да да донесе нова сообраќајка која ќе дигне од постела и ќе им предизвика дополнителен стрес и несигурност.