Садница за секое новороденче ќе дава општина Куманово
Општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“ од оваа година на секое семејство кое ќе добие новороденче, ќе му додели садница и ќе биде дел од акцијата „Посади живот за живот“, за озеленување на градот.

„Во првите 30 дена од раѓањето на бебето семејството на домашна адреса ќе добие една зелена садница, којашто родителите ќе имаат обврска да ја засадат на нивниот имот или на јавна површина во општина Куманово и апелирам да се почитува“, - изјави градоначалникот Максим Димитриевски.
Практична примена на овој проект започнува овој месец.
Со акцијата градоначалникот верува дека ќе ги потикне граѓаните да ги чуваат и негуваат дрвјата на нивните деца кои тие ќе ги посадат, а не како досега да ги корнат и уништуваат садниците.
Во Куманово годишно се родат над 1000 деца, што значи ќе бидат засадени толку дрвца.