Само сакаме да ја зголемиме хигиената и безбедноста во базенот, тврдат од управата
Од управата на затворениот базен на ЈП „Чистота и зеленило“ тврдат дека не се точни обвинувањата на родителите дека од нив е побарано да плаќаат билет за влегување во соблекувална, туку се работи само за воспоставување на нови правила со кои сакаат да го зголемат нивото на хигиената и безбедноста на градскиот базен додека децата го посетуваат.

- Откако во управата беа упатени поплаки од страна на родителите дека има појава да им недостасуваат обувки и облека на децата во соблекувалната, донесовме одлука да ги зголемиме мерките на безбедност и да не дозволуваме во просториите да влегуваат лица кои не ги користат услугите на базенот. Тоа значи дека децата сами ќе влегуваат во соблекувалната, а помошта околу соблекување и облекување да им ја пружаат лицата од клубовите, освен во случаи кога тоа е неопходно, односно да се дозволи да влезат само родители на многу мали деца. Ова го правиме за да ја зголемиме безбедноста на децата пливачи, а пред се да го задржиме нивото на хигиена, бидејќи се работи за здравјето на децата. Не може секој од надвор да влегува со обувки во соблекувалната, а потоа децата боси да газат по истата површина и сета нечистотија да ја внесуваат во базенот. Тоа може да се рефлектира врз здравјето на децата, - вели директорот Даниел Стојчевски.
Тој се надева дека родителите ќе имаат разбирање во интерес на своите деца и нивното здравје. Поради новонастаната ситуација, денеска се одржа состанок на управата со пливачките клубови, каде било договорено да се почитуваат новите правила.