СДСМ и ДУИ ќе коалицираат во Советот, но не кажуваат како ги поделиле директорските места
Два ипол месеци по завршувањето на локалните избори, СДСМ и ДУИ денеска ја објавија коалицијата на локално ниво и мнозинството од 19 советника во Советот на Општина Куманово.

На локалните избори коалицијата на СДСМ освои 16, а ДУИ 3 советнички места.
И додека траеја преговорите советниците на ДУИ ја подржуваа работата на СДСМ во Советот, но претседателите на двата општински ограноци и градоначалникот, денеска пред медиумите ја официјализираа коалицијата и го потпишаа меморандумот за соработка.
„По неколку неделни преговори постигнавме договор со ДУИ за коалиција на локално ниво во период од 4 години во Советот на Општина Куманово, кој претставува рефлексија на освоените мандати на последните локални избори. Со овој меморандум го промовираме мнозинството и бројката од 19 советници, кои ќе работат на унапредување на политиките на двете партии преточени во конкретни решенија преку одлуките што ги донесуваат на седниците на Советот“- изјави претседателот на општинската организација на СДСМ, Мартин Костовски.
Претседателот на ДУИ Фатмир Идризи, рече дека ветувањата што ги дале на граѓаните ќе ги реализираат во коалиција со СДСМ.
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, не сакаше да каже што точно содржи коалицискиот договор и дали ДУИ ќе ги задржи досегашните директорски и заменички мести во јавните претпријатија, установи и училиштата, поради помалиот број на советници во однос на предходниот Совет.
„Во овој договор во втор план се кадровските решенија, во прв план се она што се ветувања кон граѓаните и подобрување на животните услови на сите наши сограѓани“, - изјави Димитриевски.
На прашање на Кумановоњус, ако политичкиот договор и распределбата на функционерските места не била клучна, зошто толку долго беше потребно да се постигне договор со поранешниот коалиционен партнер?
„Требаше да се усогласат одредени ставови и согледувања и секако дека кадровската политика игра битно влијание во делот на договарањето, но таа не е приоритет број еден“,- одговори градоначалникот.
Неофицијално дознаваме дека ДУИ останува на директорските места во јавните претпријатија Пазариште и Куманово-паркинг, а го губи местото во училиштето во селото Романовце каде ќе се назначи директор Албанец од СДСМ, а во „Бајрам Шабани“ кандидатот ќе се бира со консензус. Домот за стари лица што досега беше на Алијансата на Албанците ќе го добие СДСМ и покрај тоа што го барале од ДУИ.
Димитриевски на крај истакна дека СДСМ е отворена за соработка со сите политички партии што учествуваат во функционирањето и работата на општинскиот совет.