Се чека вештачењето за смртта на Марија, ексхумацијата ќе открие дали се работи за убиство
Родителите на Марија Маринковска (35) од Куманово, која беше ексхумирана за да се утврди причината за нејзината смрт, сѐ уште ги чекаат резултатите од обдукцијата за да дознаат што точно се случило кобната ноќ кога нивната ќерка починала.
Откопувањето на телото уследи откако во селото Челопек беше пронајдена мртва 78-годишна жена, по што Основното јавно обвинителство Куманово отвори истрага за да утврди дали осомничениот Т.Б. (25) од селото Малотино е поврзан и со други случаи, а не само со последното убиство за кое е приведен.
Таткото Зоран (62) вели дека Марија се познавала со Трајко Б. и дека порано се жалела оти ѝ досадувал и ја следел, поради што го пријавувале во полиција.
„Доаѓаше полицијата и оттогаш немаше повеќе проблеми. Тој и се заканувал. Јас не знам, ниту можам да нагаѓам дали тој ја убил или не. Истрагата ќе докаже. Докторите кажаа дека починала од природна смрт. Јас сакам правдата да излезе на виделина. Ние сме сиромашни луѓе, немаме можност сами да ја истераме“, вели Зоран.
Тој додава дека Марија последен пат ја виделе на прославата за Божиќ, но постојано се слушале на телефон. Така било и вечерта на 17 јануари, кога поради гласната музика не се разбрале најдобро, но им кажала дека е сама дома. Веќе наредниот ден не можеле да ја добијат на телефон, што им станало сомнително. Побарале од сосетката да отиде до нејзиниот дом за да провери дали можеби се успала, но таа ја пронашла почината.
„Била покриена со јамболија преку главата. Знам дека порано Трајко ѝ досадуваше, а таа го гаѓала со камења. Нејзе ѝ беше страв ноќе, затоа што некој постојано ѝ чукал на вратата. Велеше дека се криела зад вратата. Што се случило таа ноќ, не знам“, вели мајката Магдалена.
Марија е најстара ќерка од петте деца на семејството Маринковски, кое живее во сиромаштија во распадната куќа и супстандардни услови во Куманово, а се соочуваат и со сериозни здравствени проблеми. Последните 12 години таа живеела во куќата на нејзиниот вујко во Старо Нагоричане, обработувала земја, а повремено работела и кај семејството на Трајко, помагајќи во чувањето на стадото. Завршила специјално средно земјоделско училиште во Штип, по што се преселила во селото. Семејството тврди дека не била во врска со осомничениот, како што се шпекулира во јавноста, и дека во последно време не користела алкохол.
Што точно се случило кобната ноќ со Марија, како и во другите случаи, ќе треба да се утврди во судската постапка.
Адвокат на семејствата на Марија и на 78-годишната Мира С. е Александар Симоновски од Куманово, кој вели дека сѐ уште го чека вештачењето од ексхумацијата на помладата жртва. Тоа треба да ги утврди причините, механизмот и околностите под кои настанале повредите, со цел целосно расветлување на случајот.
Тој посочува дека во јавноста има многу шпекулации и дека осомничениот претходно бил пријавуван во полиција за тешка кражба, при што му било извршено и психијатриско вештачење.

„За двата случаи кои ги водам, како и за уште еден за обид за убиство, има докази дека тој е сторител. Имам информации што не можам да ги споделам, но се истражува дали обвинетиот делувал сам или имал помагач, односно соизвршител. Одземени се и одредени предмети. Во однос на пропустите, за помладата жртва првично било констатирано дека починала од природна смрт, но сега со вештачењето се покажува дека имала повреди“, додава Симоновски.
Според информациите од обвинителството, Т.Б. е осомничен дека во периодот од 27 јануари до 12 февруари, на точно неутврден датум, во селото Челопек, општина Старо Нагоричане, со умисла и на свиреп и подмолен начин ја лишил од живот 78-годишната М.С.
„Ја искористил околноста што оштетената живеела сама, била стара и немоќна. Откако влегол во нејзината куќа, додека таа спиела на креветот, осомничениот физички ја нападнал, нанесувајќи ѝ повеќе удари со кои ѝ нанел тешки телесни повреди, од кои жената починала“, соопштија од Основното јавно обвинителство Куманово.
Поради сличностите во изборот на жртвите и суровиот начин на извршување на делата, се испитува дали и во другите случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител.
Т.Б. претходно ја нападнал и 83-годишната Слободанка Арсовска од Куманово, која благодарение на својата присебност успеала да се спаси. На 22 јули минатата година, околу еден час по полноќ, влегол преку прозорецот од купатилото, откако ја скинал заштитната мрежа, и почнал да ја дави. Таа почнала да вика по својот син да ѝ помогне, иако тој не бил дома, по што напаѓачот се исплашил и побегнал. Иако бил посочен од семејството, не бил задржан во притвор, а во меѓувреме, според сомнежите, ги извршил убиствата на двете жени.