Се проверува одговорноста на полицијата и лекарите во случајот со серискиот убиец од Челопек
Основното јавно обвинителство во Куманово уште чека на дел од одговорите од надлежните државни институции за евентуалните пропусти на вработените во полицијата и Брзата помош во Куманово, кои постапувале во случајот на серискиот убиец Трајко Бојковски (25) од Малотино, осомничен за сурово убиство на две жени и за уште неколку напади во селото Челопек, Старо Нагоричане.
Се испитува кои доктори биле на лице место, што е утврдено, дали е дадено мислење или само потврда за смрт, кои полицајци и инспектори биле на увидот и дали пријавиле нешто сомнително. Во предистражна постапка оформен е посебен предмет за лекарите од Брзата помош во Куманово, додека работата на полициските службеници го истражува внатрешна контрола на МВР.
„Поднесени се голем број барања до државните органи, дел од одговорите се пристигнати, меѓутоа чекаме да добиеме одговор за сите барања за да можеме да ја комплетираме во целост сликата. Во делот на МВР надлежно е Јавното обвинителство за организирана криминал, така што Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово, прави основни базични проверки, кој бил на лице место, а не постапува во насока на постапување на можна одговорност или пропуст. Колку што имаме ние сознанија во тој дел постапува внатрешна контрола“, изјави обвинителот Владимир Лапе.
Во меѓувреме, се чекаат и резултатите од обдукцијата на второто ексхумирано тело на жена, психијатриското вештачење на обвинетиот, како и листинзи од телефонски броеви од базните станици за да утврди движењето на обвинетиот и евентуална поврзаност на други лица.
„Има и други наредби за вештачење, кои сметаме дека кога ќе ги прибавиме сите докази ќе бидеме во можност да имаме појасна слика, досега што ни е расчистено и дали потреба да се расчистуваат уште некои настани“, додава обвинителот Лапе.
Трајко Бојковски е осомничен дека во периодот од 27 јануари до 12 февруари, на точно неутврден датум, во селото Челопек, Општина Старо Нагоричане, со умисла и на свиреп и подмолен начин ја убил 78-годишна Мира С. Поради сличностите во однос на изборот на жртвите и суровиот начин на извршување на делото, беше есхумирано телото Марија Маринковска (35) . Обдукцијата потврди дека убиството е извршено од истото лице. Потоа се изврши откопување на тело на втората жена, за која се чека извештајот.
Бојковски со месеци бил пријавуван дека напаѓал жени и сами луѓе во селата во Општина Старо Нагоричане, бил пријавуван во полицијата, но секогаш бил ослободен под изговор дека има здравствени проблеми.