Се најавуваат засилени контроли во угостителските објекти
Полицијата и инспекциските служби најавуваат засилени контроли во угостителските објекти во пресрет на летната сезона кога е зголемена фрекфенцијата на луѓе во градот, со цел да се отстранат евентуални неправилности во нивното работење.

Акцент ќе се стави на прекршувањата на јавниот ред и мир , работното време, бучавата, присуството на малолетници по полноќ и поставување на урбана опрема на тротоарите. За сите кои не ги почитуваат законите ќе следуваат казни.
„Доколку се регистрира присуство на малолетни лица во угостителски објекти или простории за забава, кафеани, ноќни барови, диско клубови подоцна од 24 часот ќе биде изречена глоба од 2.000 евра, а 30 проценти е на правното лице. Исто така, следуваат санкции и за гласна музика од угостителските објекти односно бучава“, - изјави Игор Митевски, командир на ПС од Општа надлежност во СВР Куманово, на денешниот состанок со угостителите и управителите на стамбени објекти.
Закон предвидива дека во периодот од 15 до 18 часот и од 23 до 6 часот, не е дозволено создавање на бучава од која го нарушува мирот на граѓаните. За ова следува глоба од 800 евра, а 30 отсто е за правното лице.
Исто така угостителите кои поставиле маси и столчиња на тротоарите ќе мора да ги отстранат заради непречено движење на пешаците.
Дел од угостителите за кои граѓаните имале најмногу поплаки дека го прекршуваат законот денеска не беа присутни на состанокот, па надлежните порачаа дека никој нема да биде поштеден од одговорноста.