Шеќеринска: Во Македонија имаме егзодус на младите
Потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска синоќа на трибината во Куманово со тема “Како до подобар живот на младите“, рече дека мора да се најде решение за иселувањето на младите.

Ако овој проблем не се реши, нема што да бараме во политиката, рече таа. Вели дека на земјава и се потребни градинки, училишта, работни места, а не криминал и корупција.
Тие се работите кои не радуваат или не разочаруваат. Тие се работите кои ги натераа многу млади, а богами и не толку млади луѓе и одлучија да ја напуштат државата. Денеска со подмладокот на партијата зборувавме за темата број еден, а тоа е како да се стави точка на овој егзодус на младите. Сите кои денеска ракоплескаа, се согласуваа, искажаа свое мислење сигурно си помислија “Ама ќе дојдеме ли во ситуација сето ова да го оствариме на дело?“. Прашањето да се биде или не е прашање кое ќе треба да го решаваме исклучиво со фер и демократски избори - кажа Шеќеринска.
Претседателот на општинската организација на СДСМ Куманово, Мартин Костовски рече дека големата посетеност на трибината покажува дека Куманово има што да каже во однос на предлог програмата “Визијата за Македонија“.
За жал во последниве неколку месеци, година дена сме сведоци на сè поголемото иселување на луѓе кои се наши соседи, наши пријатели, наши роднини. Фрапантни се бројките кои што покажуваат дека над 600.000 млади луѓе ја напуштија нашата земја. Тоа значи дека 600.000 мајки плачат за своите деца и се молат секој ден да се вратат - изјави Костовски.
На трибината беше кажано дека со поголеми парични средства ќе се стимулираат младите да отвараат сопствени бизниси, ќе се стимулира пракса, тренинзи, неформално образование, ќе се укине екстерното тестирање и ќе се преземат мерки за подобрување на квалитетот на живот.