Севeроисточен регион дел од европски проект за енергетско лидерство
Североисточниот плански регион е дел од голем европски проект за енергетскo лидерство, кој предвидува изработка на стратегија за искористување на енергетскиот потенцијал и обновливите извори на енергија.

Во проектот „Партнерство за енергетско лидерство 2050“, се вклучени 12 земји од Централна и Источна Европа, а единствено Македонија не е членка на ЕУ. Во рамките на проектот, кој има регионален карактер е опфатен североисточниот плански регион.
„Целта на проектот е да се изработи енергетски профил за североисточниот плански регион. Мапа за правците на енергетската транзиција од јаглеродните горива кон обновливите извори на енергија во самиот регион до 2050 година. Ќе се изработат акциони планови за засегнатите страни во регионот, кои имаат клучна улога во делот на креирањето на енергетските политики и во делот на нивна имплементација. Македонија како држава нема своја стратегија до 2050 година, сметаме дека ова ќе биде добра можност за да се мобилизираат засегнатите страни околу ова прашање, кое е многу значајно и важно во овој момент меѓутоа и за во иднина “, - вели Јане Вртески од консултантската куќа БДС.
Североисточниот регион-најсиромашниот регион во државата се најде во проектот, бидејќи нема свои извори на енергија, а е корисник. Вртески смета дека негова предност е да не дозволи развивање на јаглеродни извори на енергија во шестте општини, туку да се фокусираат на новите извори на енергија.
„ Тоа се изградба на централи на сончева енергија, користење на хидро потенцијалот, искористување на ветровата и сончевата енергија. Се надевам дека изработката на патоказот и стратегијата ќе даде сигнали во која насока бизнисите и граѓаните ќе можат да ги планираат своите активности во делот на користењето на енергијата во наредниот период и на долги патеки, - додава Вртески.
Во Куманово се одржа првата од серијата предвидени работилници и панел дискусии, на кои ќе бидат идентификувани засегнатите страни во регионот, а тоа се општините, бизнис секторот, невладините организации и медиумите, како значаен сегмент при формирањето на мрежата за енергетска ефикасност на Централна и Источна Европа.
На Меѓународна конференција во Прага, која ќе се одржи наредните два дена, ќе се воспостави мрежа за енергетска ефикасност, на која ќе присуствуваат претставници и експерти за животна средина од регионот. Целта на формирање на оваа мрежа е да прерасне во силно лоби, кое преку ЕУ ќе делува на политиките на енергетската ефикасност.