Со долг од 17 милиони евра, Куманово меѓу најзадолжените oпштини во државата
Општина Куманово е една од најзадoлжените општини во државата со вкупен долг од 17 милиони евра.
Општината работи со задолжителна резерва поради блокирана сметка и нема пари за реализацијата на поголеми проекти.
- Бруто долгот, не само на општината туку и обврските, долговите и загубите на јавните претпријатија се движи околу 17 милиони евра, - изјави градоначалникот Максим Димитриевски, кој вчера денеска беше домаќин на министерот за финасии Драган Тевдовски.
Градоначалникот и министерот разговарале за финсиските проблеми на општината, но и за плановите на Владата во делот на можните инвестиции и изнаоѓање на начин за решавање и надминување на финсиските проблеми и подобрување на бизнис климата во градот.
- Куманово е една од финансиски блокираните општини и верувам дека ќе се најде начин оваа блокада да се ублажи, а потоа многу поагресивно во 2019 година Општината да дојде до посериозни средства, кои ќе ги искористи за капитални ивестиции. Поконкретно беше разговарано за изградба на детски градински, инвестиција во индустриската зона Речица, за инвестиции за долгорочно задолжување на општината и искористување на грантови и средства преку ЕУ фондовите, - додаде Димитриевски.
Министерот откри дека се прават анализи како да им се помогне на презадолжените општини.
- Ние постојано ги следиме преземените, а не платени обврски на општините и во тој поглед Куманово е една од општините која има сериозни обврски за враќање. Заради тоа покрај активностите и работите што ги презема Општината, ние на централно ниво во моментот сме во фаза на анализи и на размислувања за тоа како би можеле да и помогнеме на општините како што е Куманово. За нас се многу важни, бидејќи локалниот развој е оној кој треба да го движи економскиот раст во Македонија, - изјави министерот Тевдовски.
Поради кредитната неликвидност, Општина Куманово не може да учествува ни на дел од програмите, како што е последниот јавен оглас на Министерството за финансии за 8 милиони евра за општините, пари во рамки на Проектот за подобрување на општинските услуги, кој го спроведува Светска банка.
За споредба, Куманово за 2018 година има годишен буџет од 30 милиони евра.