Со прскање на улиците ќе се намалува загадениот воздух во Куманово
Општина Куманово од утре до 16 февруари ќе ги прска улиците за да ја намали загаденоста на воздухот во градот.

Прскањето со аеросолна метода ќе се спроведува од 20 до 1 часот по полноќ, доколку дозволат временските услови.
„Атонизер со кои ќе се спроведува методата ќе се постави на тракторска приколка влечена од трактор кои ќе биде придружувано од возило од МВР, при прскањето на улиците. Со оваа метода ќе се врши зафаќање на ПМ10 честички кои ќе се таложат на улиците. Паралелноод стручните лица ќе се врши мерење на концентрација на ПМ10 честички пред и по прскањето. Преку споредбена анализа ќе се дојде до резултати кои ќе бидат презентирани пред пошироката јавност. Доколу се дојде до позитивни резултати од оваа метода, истата ќе биде примененувана во иднина“- велат од Општина Куманово.
Пробното прскање на улиците за намалување на загаденост на воздух на територија на општината со примена за аеросолна метода, ќе се спроведе во соработка со Факултет за земјоделски науки и храна и Факултет за информатички и комуникациски технологии.
Мерката е дел од акцискиот план за намалување на загаденост на воздухот на Општината, која ја најави новиот градоначалник бидејќи со години наназад Куманово е една од најзагадените во државата.