Советниците ги добија уверенијата од ОИК
Новоизбраните членови на Советот на општина Куманово, денеска ги примија уверенијата од Општинската изборна комисија (ОИК).

На свеченоста присуствуваа советниците од сите политички партии и коалиции:СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА и Алијансата на Албанците.
Атина Мургашанска, носител на листата на коалицијата на СДСМ и најверојатно претседател на Советот, се надева на успешна соработка со локалната самоуправа и со сите граѓани на Општина Куманово.
“Очекувам во наредниот четири годишен период заедно со граѓаните да ги артикулираме нивните интереси и да бидеме во служба на нивните потреби, а заедно со општинската администрација и градоначалникот да работиме Куманово да го добие епитетот модерна европска локална самоуправа. Се надевам дека ќе има плодна и корисна дискусија со оглед на тоа што имаме искусни советници, со различна родова, возрасна и професионална структура, за да се избориме за најдобрите политики во градот“, - изјави Мургашанска.
Таа додаде дека сеуште не е разговарано за коалиции со останатите партии, но очекува тоа да се случи наредните денови.
Носителот на листата на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Петковски, најави дека ќе бидат конструктивна опозиција и коректор на локалната власт.
„Ќе се залагаме за сите наши проекти што ги ветувавме во предизборната кампања, воедно ветуваме дека ќе бидеме коректор на градоначалникот и советот, се со цел да го направиме Куманово пристојно место за живеење“, - изјави Петковски.
Советниците од ДУИ Фатмир Идризи, Алијансата на Албанците Осама Мујадина и Наили Османи од Беса, рекоа дека ќе настојуваат да ги исполнат ветувањата што ги дале пред граѓаните и ќе се борат за реализација на повеќе проекти од буџетот на општината.
Советниците ги поздрави градоначалникот Максим Димитриевски, им го честиташе мандатот, им посака успешна работа и добра соработка.
„Сакам да истакнам уште на самиот старт дека како градоначалник ќе дадам поголема можност за делување на советот и ќе се обидам заедно со вас да обезбедам посодветни услови за функционирање на Советот, којшто е легитиме претставнички орган на сите граѓани во нашата општина. Стојам на располагање на сите независно кој од која политичка партија доаѓа“, - изјави Димитриевски.
Советот на Општина Куманово брои 33 советници, а распоредот на силите е: 16 од коалицијата на СДСМ , 11 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ 3, Беса 2 и Алијансата на Албанците 1 советник.