Спасовски: Секаков вид на притисок на референдумот ќе биде спречен и санкциониран
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ги повика граѓаните доколку било кој врши притисок врз нив или ги заплашува во врска со гласањето во недела, тоа да го пријават во најблиската полициска станица.

- Тајноста на гласот е гарантирана и ќе биде санкциониран било каков обид за загрозување на слободното изразување на волјата на граѓаните, МВР е подготвено за референдумот во недела, а, согласно законите, секаков вид на притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран, рече Спасовски на прес конференцијата по денешната посета на СВР Куманово и локалната самоуправа.
Министерот имаше средба со раководството на СВР Куманово, при што се разговарало за претстојниот референдум и мерките кои МВР ќе ги презема, за се да помине во најдобар ред, односно да се овозможи слободно изразување на волјата на граѓаните.
На средбата со началникот Стојанче Величковиќ, било констатирано дека безбедносната состојба на ова подрачје е стабилна и се бележи подобрување во работењето.
- Во првото полугодие од 2018 година во Куманово има осетно зголемување на откривачката активност во областа на економскиот криминал, недозволената трговија со дрога и други области. Во текот на првото полугодие од 2018 година, активностите насочени кон спречување и откривање на недозволена трговија резултираа со откривање на 14 кривични дела, што претставува зголемување од 75 отсто на откривачката функција во однос на споредбениот период од минатата година. Одлични резултати има и во откривањето на криумчари на мигранти, а се бележи и намалување на прекршоците од областа на јавниот ред и мир, - изјави министерот.
Спасовски се сретна и со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, при што било потврдена одличната соработка меѓу МВР и општина Куманово, а се разговарало и за дополнително унапредување на соработката. Министерот Спасовски најави и дека во буџетот за 2019 година се предвидени средства за изградба на нов објект на СВР Куманово.