Угостителите до 15 септември да ги отстранат летните бавчи, побарал градоначалникот Димитриевски
Градоначалникот Максим Димитриевски, дел од советниците во Советот на Општината, претставници од секторот за урбанизам и инспекциските служби, денеска одржаа состанок со угостителите, на кој се расправало за проблемите околу поставената урбаната опрема на јавните површини и финансиската дисциплина во оваа дејност.

Од угостителите дознаваме дека им е даден рок до средината на септември да ги урнат летните тераси кои се дивоградби, па потоа да поднесат нови барања и елаборат, и да се усогласат по новите прописи за поставување на урбана опрема на јавна површина.
Според нашиот извор, дел од присутните сметале дека оваа одлука е неправедна, бидејќи сите се ставаат во ист кош, независно дали имаат решение за работа и редовно плаќаат закуп на Општината. Тие очекуваат при спроведување на новата одлука да нема привилегиран и селективен пристап. Од 74 угостителски објекти само 6 плаќале надомест за користење на јавна површина.
Состанокот со угостителите беше најавен на последната седница на Совет на Општина Куманово, кога беше донесената одлука за поставување на унифицирана урбана опрема, и се очекуваше дека ќе биде отворен за јавноста поради важноста, заинтересираноста на граѓаните и јавниот интерес во врска со проблемите кои ги засегаат угостителите и Општината. Но, градоначалникот одлучи на седницата да не и даде јавност.
„Ова е работен состанок и ќе се одржи без присуство на медиумите. Ги молам новинарите да го напуштат состанокот, за да нема шпекулации во јавноста. Ќе добиете соопштение“, - рече Димитриевски.
Попладнево на сајтот на Општината објавено е кратка информација.
„На состанокот се разговараше за моменталната состојба во која се наоѓаат нивните објекти и за одлуката донесена на последната седница на Совет на Општина Куманово. По дискусијата, на состанокот беше договорено Општината да формира комисија со која ќе се утврди фактичката состојба со овие објекти, а угостителите да се обврзат дека ќе постапуваат според решенијата од надлежните инспекциските служби, и истите да се усогласат со сите важечки прописи за поставување на урбана опрема“, - стои во штурата објава.