УЈП нè држи во неизвесност, Советот на Општината нè извиси, кажаа печалбарите на денешниот протест
Кумановци кои работеа во американските бази во Ирак и Авганистан денеска организираа марш од УЈП до Општина Куманово, незадоволни од динамиката на решавање на нивниот проблем со ретроактивното оданочување на приходите што ги оствариле во странство.
Тие велат дека, и покрај тоа што имале средба со надлежните во УЈП и со претставници во Советот на Општина Куманово, немаат повратни информации до каде се постапките за која се договориле.
„Од УЈП немаме информација до каде е постапката што ја водат со документот доставен од американската фирма. Сакаат да нè држат во неизвесност до крајот на април, кога треба да биде донесено конечното решение. Ние не можеме да се ослониме на тоа и не знаеме што ќе произлезе од тој документ. Општина Куманово ни направи опструкција со тоа што не одржа седница на Советот оваа недела, како што ни беше ветено, туку ќе има редовна седница на 25 февруари. Бараме Советот да ни помогне да ги подигнеме работите на централно ниво во врска со прибирањето докази од други држави, кои луѓето не можат сами да ги обезбедат“, изјави Жикица Миланов, еден од засегнатите граѓани.
Додека траат преговорите, повеќето граѓани во законскиот рок поднеле тужби до Основниот суд во Куманово врз основа на издадените решенија. За нивниот проблем е известен и Народниот правобранител, од каде што очекуваат одговор. Во постапка се за формирање здружение „Правда за сите“, кое ќе се бори за нивните права. Тие најавија дека ќе поднесат тужби за несовесно работење на надлежните институции и ќе организираат нови протести наредната недела.