Кал до колена на „Веселин Вујовски“ – реконструкцијата заглавена пет месеци (видео)
Никако да заврши реконструкцијата на улицата „Веселин Вујовски“ во населбата „Тоде Мендол“, која започнала пред пет месеци.
Жителите велат дека улицата била раскопана пред изборите и така останала. Се жалат дека целата е во дупки и кал и дека едвај излегуваат од домовите.
„Работата почна на 29 септември 2025 година, а денес е 17 февруари 2026 и сè уште не е завршена. Овде живеат стари луѓе и жени со мали деца, а има кал до колена. Не се поминува ни пешки, ни со возило. Ако ни затреба брза помош или пожарна, нема шанси да стигнат до куќите. Не сакаме само да се жалиме, но ова е претерано. Не знам што е толку спорно за да се чека пет-шест месеци за асфалтирање улица долга помалку од сто метри“, вели еден од жителите.

Тој додава дека при почетокот на работите се појавил проблем со подземна електрична инсталација. Од ЕВН излегле на терен и го средиле кабелот, но улицата и натаму е без тампон и асфалт. Механизацијата – багер и камион – сè уште стои на улицата.
Од Општина Куманово велат дека причината за доцнењето е подземен енергетски кабел на ЕВН, кој треба да се дислоцира.
„Изградбата ќе продолжи по извршување на дислокацијата од страна на ЕВН и кога временските услови ќе бидат поволни за изведување на работите. Вредноста на изградбата изнесува 1.272.480 денари“, одговорија од Општина Куманово на нашето прашање зошто е запрена реконструкцијата.

Улицата „Веселин Вујовски“ се наоѓа на околу два километри од центарот на градот, долга е околу 100 метри и ја поврзува населбата „Бараки“ со улиците „Д-р Рибар“ и „Поток Серава“.