ВМРО-ДПМНЕ повика на масовен протест пред Владата
Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ повикаа граѓаните масовно да излезат на утрешниот протест во Скопје, бидејќи сметаа дека СДСМ во првата година од владеењето не ги исполнила изборните ветувања.
Според Бране Петрушевски, претседател на општинскиот комитет во Куманово, поради економското и национално истоштување, политички гафови и промашувања, дури и најголемите поддржувачи и симпатизери на СДСМ се чувствувале изневерени и прелажани од оваа власт.
„Денес во Република Македонија, со оваа влада на СДСМ и ДУИ, стравот ја замени демократијата, неморалот го замени моралот, непринципите ги заменија принципите, а неказнивоста за владини функционери станува заштитен знак. Ова е време кога пратеници, уметници и обични граѓани - патриоти се обвинети за тероризам, а се пуштаат на слобода сторители на кривични дела, се промовираат врвни советници за национална безбедност поранешни борци на ОНА како командант Хоџа. Ова е време кога премиерот не пропушта прилика да не убедува во својата чесност, а луѓето од неговото најблиско опкружување безмилосно проневеруваат милиони евра на дневна база. Насочени се кон креирање на колективна хипноза поткрепена со гол популизам и брутални лаги. Нема реформ и работа, има само неспособност и дилетанство“, - изјави Петрушевски на прес-конференција.
Тој апелираше до сите, членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, како и сите обесправени и разочарани граѓани, кои живеат лошо и не им е сеедно каква иднина ја очекува Република Македонија, масовно да излезат на протестниот собир утре на 2. јуни пред Владата во 20 часот и да испратат гласна и јасна порака: Македонија ќе победи!
За сите заинтересирани граѓани се организира бесплатен превоз, со поаѓање од Куманово во 18:00 часот на следниве локации: Спортска сала, Соколана, Пожарна, бул III МУБ (Долче вита), бул. Октомвриска револуција (Жмара), н. Гоце Делчев (Кошеви), н. Зелен Рид (пошта), н. Карпош (Крст), н. Перо Чичо (Коки проширење) и други локации.