Во „11 Октомври“ одбележан Европскиот ден на јазици
Во основното училиште „11 Октомври“ денеска беше одбележан Европскиот ден на јазици.

По тој повод учениците подготвија штандови на кои беа презентирани четири земји и тоа Англија, Германија, Франција и Италија. “11 Октомври“ е единствено училиште во градот во кое се изучуваат четири странски јазици. Учениците презентираа јадења, пијалоци, музика и значајни факти за наведените четири земји.
На ваков начин ги мотивираме да ги учат странските јазици. Интересот за изучување на сите јазици е огромен. Им нудиме можност да го изберат оној јазик кој што најмногу го сакаат и подоцна во животот да го употребат“- рече Маја Ристиќ Кипријановска, професор по италијански јазик.
Со свој штанд се претставија и децата кои се згрижени во Центарот за ран детски развој во училиштето.
Имаме волонтери од Франција и Португалија кои моментално работат. Минатата година имавме од Литванија, Финска и Шпанија кои работат со децата и ја шират својата култура. Тие се на семинар во Белград и не се во можност да се дружат со нас - вели Верица Тодоровска, едукатор во Центарот за ран детски развој.
Учениците ги сакаат странските јазици бидејќи нудат многу можности и ја олеснуваат комуникацијата со странци.
Италијанскиот јазик многу го сакам бидејќи е многу милозвучен. Италија има прекрасни јадења. Денеска презентиравме пица, тирамису познат италијански колач, еспресо и макијато - изјави Ива Митевска, ученичка.
Целта на Европскиот ден на јазици е да се поттикне доживотното учење на што повеќе странски јазици. Секоја година 26 септември во земјава и пошироко се одбележува со низа настани за промоција на странските јазици.