Во четврток пресудите за случајот „Алмир“, обвинетите не се чувствуваат виновни
Во четврток ќе бидат изречени пресудите на обвинетите во случајот за прегазувањето на четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово, откако денеска во Кумановскиоте суд беа дадени завршните зборови.

Првообвинетиот Бобан Илиќ, на кој со прекфалификација на делото од убиство му се суди за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, во завршните зборови се изјасни дека не се чувствува виновен за делото за кое се товари и дека многу му е жал што се случил немилиот настан, особено за загубата на детето.
Неговиот адвокат Стеван Павлески, побара ослободителна пресуда, бидејќи смета дека има цврсти и несоборливи докази дека Бобан имал право на нужна одбрана во крајна нужда, а не како предходно сакало да се покаже дека делото го сторил со умисла или од небрежност.
„Тоа е поврзано со правото на Бобан Илиќ да се брани секогаш кога ќе биде нападнат. Државата е должна да ги заштитува луѓето, но тоа е и природно право на човекот“, - изјави Павлески.
„Неговите постапки го ослободуваат од кривично гонење, бидејќи немилиот настан се случил во нужна одбрана, бегал од нападот, во афект и страв бил доведен во безизлезна состојба и опасност предизвикани и создадени од таткото на Алмир и другите обвинети“- рече Павлески во завршните зборови.
Tројцата обвинети за насилство,Седат Алиу, Сами Демири и Абдула Алиу, се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и побараа ослободителни пресуди, а нивниот бранител тврдеше дека тие се жртви на насилното однесување на Бобан и неговиот брат.
Адвокатот на Асмир Алиспаиќ, го обвини Основното јавно обвинителство во Куманово за пропусти во водењето на постапката и за прекфалификација на делото, а бараше да биде подигнато обвинение и против братот на Бобан, Бојан Илиќ. Притоа обелодени дека психијатриските вештачења и сообраќајно-техничкото вештачење ги изработиле вештаци на кои им истекле лиценците за работа. Затоа побара повторно да се води главната расправа.
„Ова е уште еден скандал што излезе во овој случај, а тоа е неважечките лиценци на ангажираните вештаци од страна на ОЈО Куманово. На вештите лица кои го изработувале вештачењата, лиценцата што им била издадена од Министерството за првада им била истечена и вештите наоди и мислења немаат доказна вредност“, - изјави Алиспаиќ.
Тој најави жалба до Аплациониот суд и се надева дека предметот ќе се врати на повторно одлучување.
Бобан Илиќ по 22 месеци поминати во притвор минатото речиште беше пуштен да се брани од слобода.
Прегазувањето на момчето се случи на 25 јуни 2016 година, по банална расправија на семејствата Илиќ и Алиу пред Здравствениот дом во Куманово.