Во Куманово одбележан Европскиот ден на јазиците
Во Основното училиште „11 Октомври“, вчера беше одбележан Европскиот ден на јазиците. Манифестацијата ја организираше раководството на училиштето и наставничките по англиски, германски, француски и италијански јазик.

- Овој ден традиционално се одбележува во нашето училиште заради известување на јавноста за важноста на учењето на јазиците и проширување на листата на изучени јазици со цел да се зголеми плурилингуализмот и меѓукултурното разбирање, - изјави директорката на училиштето Елизабета Костадиновска-Костиќ.
Покрај програмата што ја изведоа учениците во неколку точки, присутните гости имаат посебна можност да дегустираат вкусови од кујната на народите кои се носители на јазиците кои се изучуваат во ова училиште.
Целта на активностите беше да се промовира богатата јазична и културна разноликост на Европа, која мора да се чува и негува. Истовремено да се поттикне доживотното учење јазици во и надвор од училиштата.
Советот на Европа го прогласи Европскиот ден на јазиците секоја година да се слави на 26 септември.