Во Куманово се одбележа Европскaта недела на мобилност
Стотина ученици- велосипедисти, денеска се вклучија во одбележување на Европската недела на мобилност, што ja организира Општина Куманово.
Учениците возеа велосипеди на улиците „Ленинова“ и „Иво Лола Рибар“, додека од сообраќај беа исклучени автомобилите.
- Со ова сакаме да дадеме допринос, а воедно и апел кон граѓаните помалку да ги користа моторните возила, а повеќе велосипедите и пешачењето, - изјави градоначалникот Максим Димитриевски.
Тој потсети дека Куманово е една од Општините со сериозни проблеми и пречки во сообраќајот, па затоа апелираше до граѓаните да се однесуваат одговорно.
- Општината во рамките на своите можности ќе продолжи со реализација на проекти за подобрување на сообраќајната инфраструктура во градот. Интензивно се работи на поставување на т.н. лежечки полицајци пред основните и средни училишта, а ќе продолжиме и на најфреквентните места во градот. Веќе сме во постапка за избор на понудувач за катна гаража пред Центарот за култура, се изработува проект за кружен тек на влезот во градот, а отворивме постапка и за изработка на сообраќајна студија во Општината, - додаде Димитриевски.
На одбележувањето на Европскaта недела на мобилност, присуствуваше и пратеникот Мирослав Јовановиќ, претставници од Општината, директори и професори од училиштата учесници, како и претставници од СВР Куманово. Сите заедно ја поздравија акцијата „Ден на мобилност со запирање на моторниот сообраќај„ во организација на Општина Куманово, која се одржува по насока од Министертво за животна средина и просторно планирање, заради учество во „Европска недела на мобилност„.