Во манастирот Матејче се прослави Мала Богородица
Стотина верници од Куманово, денеска го прославија големиот христијански празник Рождеството на Пресвета Богородица- Мала Богородица во манастирот Света Богородица во село Матејче.
Во црквата беше осветена вода и кумскиот колач, по што беше избран кум за наредната година, а потоа следуваше заедничко дружење на гостите во дворот на црквата.
- Ви го честитам празникот на сите верници и на сите наши пријатели, но ги поздравуваме и сите други и ги повикуваме сите заедно да славиме и да се радуваме на животот, - рече во својата бесада свештеникот Саша Михајловски.
Оваа година кум на славата беше Перица Димковски, кој истакна дека го прифатил кумството затоа што сака со своето семејство и своите пријатели да придонесе повторно да заживее ова свето место, но првенствено за здравје и среќа на своите најбиски.
- Со носталгија се сеќавам на деновите кога како деца доаѓавме тука. Многу ми е криво што работите се сменија, што ова место остана празно и пусто. Нема причина луѓето да го избегуваат, туку напротив треба сите заедно да доаѓаме и да вратиме некогашниот сјај на манастирот и на ова излетничкио место. Нема причина за страв, ние пред неколку дена дојдовме да чистиме и ни се приклучија и Албанците од селото, - изјави Димковси, познат кај кумановски како Пеко Џулија.
Тој со своите пријатели обезбедил машина, која го прочистила патот, кој е доста уништен, стеснат од наносите на водата и зараснат во гранки. Верува дека кумановци ќе ја прифатат нивната иницијатива за зачувување на традицијата.
За наредната година се пријавија двајца кумови. Една жена и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.
- За ова место не врзуваат големи емоции. Благодарејќи на луѓе ентузијасти како што е денешниот кум успејавме да се вратиме на своето и верувам дека ќе продолжи оваа традиција. Државата мора да најде начин да го заштити објектот, заедно со МПЦ и во иднина сите да се погрижиме да го подобриме изгледот на самото место, - изјави Димитриевски.
На прославата во манастирот Матејче беа и некогашните жители на селото, кои во конфликтот во 2001 година го напуштија селото. Тие сега живејат во Куманово, но помладите не пропуштаат да дојдат на празникот.
- За разлика од минатите години, оваа година има поголема посетеност. Тоа влева надеж дека местото повторно ќе заживее, но никогаш нема да биде како порано. Тогаш доаѓавме од вечер и по цела ноќ останувавме во манастирот и утредента теравме празник, - вели Радован Станојковиќ, од црковниот одбор на Матејче.
Тој верува дека доколку општина Липково го поправи патот и се подобри пристапот посетеноста на жителите ќе биде многу поголема.
Според религијата празникот Мала Богородица е посветен на мајките, но и на сите жени кои немаат пород.