Водата во Куманово поскапува за 4 денари кубик
Водата во Куманово ќе поскапи за 4 денара по кубик доколку се прифати цената на Регулаторната комисија за енергетика.
Наместо десегашните 43,60 денари домаќинствата во иднина ќе плаќаат од 47,35 денари за кубик, а претпријатијата 55,54 денари по кубик.
Во 2019 и 2020 година е предвидено ново минимално зголемување на цената за 0,10 денари по кубик.
Овие цени ќе се пресметуваат откако ќе бидат прифатена од Советот на Општина Куманово. Доколку Советот не даде согласност, Регулаторната комисија во рок од 150 дена сама ќе ја донесе цената, која треба да се пресметува од 1 јануари годинава.
Од ЈП „Водовод“ се незадоволни од новата тарифа и сметаат дека таа е превисока, бидејќи плаќаат најскапа сирова вода во државата.
„Предлог за цената на суровата вода која треба да ја плаќаме кон АД Водостопансво Кумановско-липковско поле, од сегашните 6,7 денари е намалена на 4,98 денари, но сметам дека таа треба да биде неколку кратно пониска. Цената за сировата вода во другите општини се движи од 0,8 до 1,9 денари по кубик, па вие сами проценете колкава цена ни одредиле нам“, изјави директорот Горан Стојковски.
Од претпријатието побарале помош до сите надлежни институции, министерства и Владата, а поднеле и тужба.
„Поднесовеме тужба против Регулаторната комисија за енергетика пред Управен суд, поради суштествени повреди на одредбите на Законот за утврдување на цените на водни услуги, Методологијата за определување на терифа за водни услуги, како и Правилникот за начин и постапка за утврдување на тарифа за водна услуга, погрешно и нецелосно утврдена фактичка сотојба и погрешна примена на матерјалното право“, додава Стојковски.
Директорот вели дека тие нема да го достават предлогот за поскапување на водата до Советот на Општина Куманово додека не се реши проблемот.
По жалбите на јавните претпријатија и реакциите од јавноста Владата побарала Регулаторната комисија за енергетика да ја преиспита одлуката за новата тарифа на водата.