Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Запуштени и необновени се чешмите на „Вруќа вода“ во населбата Проевце, во Куманово.
Иако се работи за доста фреквентно место, каде граѓаните секојдневно полнат минерална вода или се мијат во импровизираните базени, од Општина Куманово не е предвидена ставка за интервенција на просторот за оваа година.
„Нема планирано средства за средување на двете чешми на „Вруќа вода“ во селото Проевце. Ова година се концентриравме на поправка на стари и асфалтирање на нови улици. Како што впрочем и беше нагласено кога се расправаше на советот, донесената програма е развојна“, истакна Момчило Јовановски, од Секторот за комунални работи.
Базените на бањата се под концесија на приватна фирма, но самите чешми се јавна прометна површина и се под надлежност на општинските власти. Скалите се оштетени од користење и влијание на атмосферските прилики, целото место е обрасното во трева.
„Работиме на сите површини во градот, ќе ја средиме и „Вруќа вода“. Таму, како и секаде не можеме да исчистиме од сметот на несовесните граѓани. А тревата во целиот град не можеме да стасаме да ја искосиме, времето не ни оди на рака, врнежите го поттикнаа растот на зеленилото, обраснува за 5 дена и таму каде што е сработено“, изјави директорот на „Чистота и зеленило“, Ненад Стојановски.
Пред десетина дена заврши проектот за асфалтирање на трасата на влезот во селото Проевце, а патот кој води кон бањата, чешмите и кон руинираната на некогашен хотел „КУ-БА“ не е чепнат. И при најмали врнежи се создава бара, која тешко се поминува и со автомобил, а речиси невозможно со велосипед, од спортисти и луѓе кои рекреативно џогираат во овој дел од градот.