Заев: Државата ќе му се оддолжи на Куманово
Подршка за изградба на цевковод во должина до 18,5 километри од Липково до Куманово и решaвање на деценсискиот проблем со водоснабдувањето на општината, вети лидерот на СДСМ Зоран Заев, на синоќешниот митинг во Куманово.

„Директно ќе добиете поддршка и помош од државата за решавање на проблемот со водоснабдувањето на Куманово, оти Куманово не е надвор од Македонија, па да не му се помогне. За овој 18,5 километарски водовод кој што треба да го направиме од Куманово до Липково ќе го решиме заедно, Куманово и Владата на Република Македонија како партнери“, – порача Заев.
Тој најави и директна помош за гасификацијата во градот, како и огромни средства во капитални инвестиции за изградба и реновирање на детските градинки и училишта.
Заев верува дека кандидатот за градоначалник на СДСМ Максим Димитриевски ќе победи уште во првиот круг, бидејќи по 11 години на своја страна ќе ја има централната власт.
„ Во целиот овој период Куманово и пркосеше на власта и денес е една од најсовремените општини во Македонија. Во Куманово една шајка нема заковано од страна на претходната власт и не знам што ќе бараат во Куманово“,- рече Заев.
Кандидатот на градоначалник Максим Димитриевски, го потсети лидерот и премиер Заев, дека граѓаните на Куманово очекуваат новата влада да му се оддолжи на градот за се што издржа во изминатиот период, побара финсиска помош за изградба на цевководот до Липково, докапитализација на ЈП „Куманово-Гас“, градинки, регионална депонија и ново средно училиште, но најави проекти за решавење на горливите проблеми во градот.
„Ќе го решиме сообраќајниот метеж, бидејќи ги гледаме возилата паркирани по сообраќајната површина, затоа ќе изградиме пет катни гаражи каде ќе го решиме сообраќајниот метеж, а ќе им дадеме можност на пешаците да учествуваат во сообраќајот, - изјави Димитриевски.
Тој најави уредување на зелените површини и решавање на проблемот со загадувањето, со нови паркови и гасификација.
„Нови паркови и шеталишта, а тие што ги имаме комплетно ќе ги реновираме, но ќе продолжиме и со докапитализација на Куманово гас, затоа што сме единствени и први кои го отпочавме тој проект. Ти благодарам Дамјановски што отпочна со тој проект и што успеа оваа општина да ја сочуваш сите овие 12 години од режимот, успеавме да се одржиме и издржиме и да продолжиме таму каде што ти застана, - додаде Димитриевски.
Носителката на советничката листа, Атина Мургашанска, очекува во Советот на општината Куманово да освојат 19 советнички места, како што е бројот на гласачкото ливче, да го имаат мнозинството и да го добијат претседателот на Советот.
„Сите имаме иста идеја. Што можеме сите ние заедно да направиме за општината, а не општината за нас, а можеме многу и тоа го докажуваме 26 години како најголеми победници во Република Македонија на сите досегашни локални избори. За да продолжиме понатаму со истиот од, со успешни чекори имаме план и концепт како да изградиме од Куманово. Модерен и европски град, кој ќе зачекори рамо до рамо со другите, како најголема општина во Република Македонија, но и град кој ќе ги сочува традиционалниот дух и вредностите на соживот, - изјави Мургашанска.