Жена каснала полицаец затоа што сакал да и земе трактор со дрва
Семејство од општината Ранковце нападнало полициски службеници, кои сакале да им одземат трактор со нелегално исечени дрва.

Инцидентот се случил завчера околу 10 часот, кога Д.Т. (54) од с.Одрено, општина Ранковце, заедно со неговата сопруга З.Т.(40) и малолетните синови, физички нападнале полициски службеници од Полициското одделение Ранковце и Полициска станица Крива Паланка.
Полициските службеници требало да извршат интервенција - одземање на трактор натоварен со дрва без соодветни документи, сопственост на Д.Т.. Тој со тракторот превезувал околу три кубни метри багремови дрва. При интервенција на полициските службеници, Д.Т. со метална шипка удрил еден полициски службеник, неговата сопруга каснала друг полициски службеник, а едниот малолетник со рака удрил полициски службеник во пределот на телото.
Напаѓачите биле приведени и задржани во Полициската станица Крива Паланка. За настанот бил запознаен Јавен обвинител и Центарот за социјални работи во Крива Паланка. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.