Жителите на „Јоско Илиевски“ бараат асфалт
На само два километри од центарот на градот, а условите за живот како во најзабито село.

Вака жителите на улицата „Јоско Илиевски“, кои живеат на потегот од Циглана до надвозникот на автопатот ја опишуваат својата населба. Од урбаните придобивки до неодамна имале само струја, на есен ги приклучиле на водоводната и канализациона мрежа, но им ја уништиле единствената улица што сами ја тампонирале и сега од кал не можат да излезат од дома.
„ Улицата ни е како изорана нива. Пред 3-4 години сами собиравме по 100 евра да ја посипеме. Кога почнаа да копаат за каналот ни ветуваа дека ќе ја вратат во првобитна положба. Кога завршија со работа само ја зарамнија земјата и толку. По крај останаа купови земја од кои во зима се давиме во кал, а лете во прашина. Зимоска само во гумени чизми можеме да се движиме. Од дома не можевме да излеземе ни со кола ни пешки. Такси не иде по улицата, Брза помош ни пожарна не ни доаѓаат. На еден комшија му се слоши, на раце го носевме до крајот на асфалтот“, - вели Зоран Спасиќ, кој живее на почетокот на улицата.
На улицата има неколку автомеханичарски работилници и склад за дрва. Сопствениците велат дека цела зима останале без работа затоа што муштериите не можеле да дојдат до нив.
„Дрвата што ги набавив на есен никој не дојде да ги купи затоа што нема пат. Цела зима ни трактор ни камион не можеше да влезе. Ми остана целата набавка, ќе скапат за догодина. Кој ќе ми ја плати штетата. Ние не сме ослободени од некои давачки кон државата. Пред некој ден ми стигнало решение од Општината да платам фирмарина, а со кои пари никој не ме прашува“, - вели сопственикот на складот Нијази Салиу.
Во секоја куќа на улицата има мали деца кои одат на училиште. Родителите се жалат дека децата мора постојано да ги возат и да бараат околни патишта низ нивите за да излезат на улица над пругата на Ново Куманово. Неколкупати биле во Општина Куманово ама никој не сака да ги прими. Им рекле дека не е планирано улицата да се асфалтира, туку само ќе се поправеле дупките.
За жителите од оваа населба дополнителен проблем претставува фабриката за производство на тули-КИК, која со тешките камиони и багери им ја уништива улицата, а глина и земја растура на сите страни. Имаат проблем и кога камионите ќе ја блокираат улицата, поради што барале помош и од полицијата.
„Фабриката не угуши, од издувните гасови од мазут и кокс не можеме во двор да излеземе. Бараме фабриката да се дислоцира во индустриска зона, а не да работи во сред куќи. Порано имаше некакви стандарди и се почитуваше животната средина, сега никој за ништо не води ред “,- велат револтираните граѓани.
Жителите бараат до локалната власт да им ја асфалтира улицата во должина од 440 метри или да им ја вратат како што била пред да ја раскопаат, за да имаат нормална комуникација со градот. Доколку не се преземе ништо најавуваат дека ќе организираат протест и ќе го блокираат влезот на Циглана.