Атлетскиот клуб „Куманово“ прогласен за најдобар во Македонија за 2025 година
Атлетскиот клуб „Куманово“ е прогласен за севкупно најдобар клуб во државата за 2025 година, во избор на Атлетската федерација на Македонија.
Признанието доаѓа како резултат на извонредните успеси што кумановските атлетичари ги постигнаа во текот на годината.
„АК „Куманово“ е прв и на ранг-листата на младински клубови, со освоени титули од куп-првенствата во сите возрасни категории. Со тоа сме единствениот атлетски клуб кој го постигнал овој успех во последните две децении. Освоени се вкупно 10 клубски пехари, а двајца наши атлетичари беа прогласени за најдобри во своите возрасни категории за 2025 година“, изјави тренерот на клубот, Филип Колевски.
На вчерашната свеченост, Михаил Стошевски беше прогласен за најдобар атлетичар под 18 години, а Ведран Николовски за најдобар атлетичар под 16 години.
„Оваа награда е круна на одличната сезона што ја имаа и двајцата. АК „Куманово“ зад себе има навистина успешна година – освоивме 120 медали од државните првенства и 33 од атлетските митинзи, без да се пресметуваат детските категории и натпреварувања. Имавме седум репрезентативци – три сениорски и четири младински. Поставени се и три државни рекорди: два од Теа Алексовска кај младинки, во фрлање диск и фрлање кладиво, како и еден државен рекорд на 110 метри со пречки, кој го оствари Михаил Стошевски“, додаде Колевски.
Тој се заблагодари за поддршката од сите атлетичари, пријатели и навивачи на клубот.
Првата ваква двојна титула АК „Куманово“ ја освои во 2014 година, а денес клубот повторно е на врвот – и тоа исклучиво со атлетичарки и атлетичари од Куманово.