Бегалците на Табановце бараат да се отвори балканската рута
Бегалците во транзитниот центар Табановце и оние на меѓуграничниот простор се надеваат дека по одлуката на Самитот во Брисел ќе го продолжат својот пат кон западно-европските земји.

На Табановце сум заглавен осум дена. Тука нема услови за престој и многу е ладно во шаторите ноќе. Но јас ќе останам, не се враќам назад бидејќи сакам да одам во Германија. Таму е мојата жена, која отиде пред два месеци. Бегам од војната и не размислувам што понатаму. Овде луѓето се грижат за нас, но јас не сакам да останам тука„ - вели Моаз Остоани (23) од Сирија, кој веќе осум дена живее во шатор во меѓуграничниот појас на македонски-српската граница.
Неговата судбина ја делат уште 335 бегалци претежно од Сирија и Ирак кои не сакаат да го напуштат граничниот простор и да се сместат во Транзитниот центар Табановце. Меѓу нив има и голем број деца. Сите се извалкани, зацапани во кал и во сопствениот смет. Додека бевме на граничната линија дел од бегалците се топлеа на пладневното сонце, а една група повозрасни мажи запалиле огин на сред кампот. На местото каде што беше поставен агрегат за струја имаше намногу турканица, бидејќи луѓето сакаа да ги наполнат батериите за мобилниот телефон.
Од другата страна на границата српски вооружени полицајци ја следат состојбата и недозволуваат бегалците да поминат на нивна територија.
Од Транзитниот центар Табановце велат дела состојбата е стабилна, во кампот има сместено 1100 бегалци, а на оние на граничната линија постојано им се носат шатори, храна и се што им е неопходно.
Состојбата е редовна како и секогаш. Трпеливоста е на високо ниво и ќе зависи од 17, 18 март, да видиме како ќе се позиционира европската политика кон мигрантското прашање и што ќе стане со договорот помеѓу ЕУ и Турција. Сите се во очекување, сите се во неизвесност, сметаат дека ќе може да ја продолжат рутата низ балканските земји кон ЕУ и затоа се трпеливи„- вели Горан Стојановски, менаџер на Транзитниот центар Табановце.