Фестивал на афоризми и карикатура “Струмица 2017“ во Куманово
Во Изложбениот салон на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, утре во 20 часот ќе биде отворена изложбата на Фестивалот на афоризмот и карикатурата „Струмица 2017“.

Изложбата содржи триесеттина најуспешни карикатури работени во повеќе ликовни техники, а паралелно со нив ќе бидат промовирани и наградените афоризми интерпретирани од професионални актери.
Се работи за традиционален интернационален фестивал којшто годинава се одржува по 18-ти пат, а темата е еротика. Фестивалот е составен дел на традиционалниот Струмички карневал и претставува културен бренд по којшто градот се промовира на меѓународен план.
На отворениот конкурс оваа година во Струмица пристигнаа околу 400 афоризми и 200 карикатури од триесет земји од светот.
Организатор и координатор на проектот е Центар за култура „Антон Панов“ – Струмица.
Изложбената поставка ќе може да се посети до 12 април годинава.