ГРОМ:Спасовски не може да биде министер и кандидат за пратеник
Од опшинската организација на ГРОМ Куманово, денеска на прес-конференција побараа од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да се повлече од листата на кандидати за пратеници во изборната единица 2 или да си поднесе оставка на функцијата, бидејќи двете работи се неспоиви според Пржинскиот договор.

„ Во изминатите две години опозицијата ги диктираше условите под кои ќе се оди на парламентарните избори. Eден од главните услови беше дека не смее актуелен министер за внатрешни работи да биде и актуелен кандидат на изборите, поради специфичноста на ваквото министерство, кое треба да биде еден од гарантите за фер и демократски избори. Потписниците на Пржинскиот договор ги прифатија овие услови, но еве гледаме дека сосема спротивно од тој договот токму техничкиот министер за внатрешни работи поставен исклучиво заради спроведување на претстојните избори се наоѓа како кандидат на изборна листа и тоа во изборната единица број 2 во нашата изборна единица, - изјави Емилија Арсиќ, портпарол на изборниот штаб на ГРОМ.
Таа додаде дека од ГРОМ се згрозени од вакви манипулации и трикови, па сметаат дека политичката криза наместо да се разреши дополнително ќе се комплицира. Затоа побара во наредните денови, до истек на роковите за пријавување на изборните листи, Спасовски да се ја напушти функцијата технички министер за внатрешни работи или да се тргне од кандидатската листа за пратеник.