09. 07. 2020 22:02

Интервју со Рашела Мизрахи:Воспитана сум во духот на соживот и меѓусебно почитување

Интервју со Рашела Мизрахи:Воспитана сум во духот на соживот и меѓусебно почитување

Моите родители ме советуваат да се движам кон остварување на моите животни цели, но никогаш да не го правам тоа на начин кој е недостоинствен на семејството од кое потекнувам. Секогаш живеев со една парола „Храбрите можеби не живеат долго но, уплашените не живеат воопшто“.

Најпрво, која е Рашела Мизрахи, приватно? Кои се Вашите корени?

Рашела Мизрахи е жена, мајка, сопруга, ќерка, сестра, пријател и сограѓанин. Израсната сум во старо скопско еврејско семејство, во кое принципот на честа ги подредува сите останати. Воспитана сум во духот на соживот и меѓусебно почитување. Моите родители ме советуваат да се движам кон остварување на моите животни цели, но никогаш да не го правам тоа на начин кој е недостоинствен на семејството од кое потекнувам. На крајот, јас сум Еврејка, горда на својата Татковина Македонија.

Кој беше патот кој моравте да го поминете за да дојдете до она што сте денес?

Патиштата по кои мора да одиме низ животот тешко дека некој од нас има сила и можност да ги одбере самиот. Навистина не знам на што поточно мислите кога велите  „она што сте денес“, бидејќи и вчера и денес, а се надевам и утре ќе бидам пред сѐ жена, мајка, сопруга, ќерка, горда Еврејка од Македонија. Но, секогаш живеев со една парола „Храбрите можеби не живеат долго но, уплашените не живеат воопшто“.

Што за Вас претставува папокот на светот? Без што не можете да си го замислите животот?

Папокот не е симболика, папокот е реалност. Папокот е спојот и крајот на две целини и почетокот на новиот живот. Неразделив дел од животот и повторно пресекуван за да раѓа нов живот.

Кој беше моментот еден научник по биохемија да одлучи да се занимава со политика?

Уште додека бев во Израел почнав да ја следам актуелната политика. Политичките одлуки ги доживеав како резултат на развиена логика, длабоко познавање на проблематиките од интерес, континуирано учење и надградување, аналитика... Тоа изгледаше привлечно. Гледајќи ја структурата на актуелни политичари во Македонија и чувствувајќи го сопствениот порив за борба базирана на факти за подобро утре на нашите сограѓани, решив да се вклучам и да го дадам својот придонес за иднината на мојата Македонија.

Кој е Ваш омилен политичар од историјата и сегашноста?

Перцепцијата за политичар порано и денес е различна. Зарем има поголем политичар во македонската историја од Методија Андонов Ченто, а со човечки без субјективизам сметам дека најсличен на него денес е претседателот Христијан Мицкоски.

 Колку се смени Вашиот живот откако станавте политички активна?

Секојдневните “набиени” агенди ме прават човек кој активно ги живее сите 24 часа во деноноќието. Но кога се сака се има време за сė, а јас, не само што сакам туку неизмерно уживам во тоа. Уживам во утринското споделување на љубов во моето семејство, во прегратките на ќерка ми, уживам во синергијата на мојот тим, уживам во средбите со граѓаните, во разговорите за подобро утре...

Деновове имавте прилика да го запознаете Куманово одблизу. Како го доживувате? Кои се неговите маани, а кои предности?

Ни едно населено место нема маани. Луѓето се тие кои ги прават нештата вредни. Куманово е град со богата историја и свои специфики. Секое доаѓање во Куманово посебно ме радува.

Кои ќе бидат Вашите приоритети и заложби за решавање на проблемите на граѓаните на Куманово доколку станете пратеник?

Куманово, Старо Нагоричане, Арачиново, Липково, Чучер Сандево, Чаир, Шуто Оризари, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и секој град и село е Македонија. Насекаде е потребна обнова, обнова која е предвидена во програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Проектот Обнова е изработен од граѓаните и за граѓаните, наше ќе биде заедно со нив да го сработиме договореното.

Вие сте впечатливи и по Вашиот стајлинг и фризура. Дали сами ги бирате парчињата кои ги носите или некој се грижи за Вашиот стајлинг?

Се согласувам со синтагмата „нема втора шанса за прв впечаток“. Затоа, се трудам мојата гардероба, за која се грижам исклучиво сама, да изгледа елегантно, но скромно. Комфорноста во облеката е важна, особено во денови со „набиена” агенда.

Фризурата која ја носам во последно време ја одбирам повеќе од практични причини. Имено, во време на пандемија препорака е собрана коса. Мојата фризура го задоволува тој критериум, а сепак е елегантна.

Што сакате најмногу да правите во слободно време?

Како секоја мајка, слободното време сакам да го исполнам во дружба со ќерка ми и семејството! Ќерка ми е мојот најголем трофеј. Свесна сум за убавината на времето поминато со неа.  Секако слободното време го споделувам и со моите пријатели, сакам да прочитам убава книга.

Интервју со Рашела Мизрахи:Воспитана сум во духот на соживот и меѓусебно почитување

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk