Изложба на слики на Марија Величковска
Во Изложбениот салон на Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ - Куманово, утревечер во 20 часот ќе биде отворена изложбата на слики “Импресии“ од авторката Марија Величковска од Куманово.

Она што го карактеризира најновото творештво на Марија Величковска е со сигурност квадратната симбиоза, интенцијата ликовното платно да се парцијализира на квадратни сегменти, мали излози коишто формираат композиција на принципот: слики во слика. Или попрецизно кажано со јазикот на авторката – витрини во коишто престојуваат нејзините интимни доживувања, перцепции и искуства материјализирани на сликарското платно во сета своја раскош на богати со интензитет, колористички експресивно - асоцијативни волумени и елементи изведени со силни потези на четката, разбранувани и ослободени од потребата да претставуваат нешто повеќе од слободно интерпретираната сликарска потреба за автентично изразување. Делата се работени во периодот 2012 – 2014 година,- вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста.
Марија Величковска е родена 1974 година во Скопје. Средно уметничко училиште завршила во Скопје, отсек Применето сликарство. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Родољуб Анастасов, со насока - Дипломиран сликар со модно креирање.
Учествувала на повеќе самостојни и групни изложби во земјата.
Изложбата ќе биде поставена до 20.мај.