Изложени сликите од ликовната колонија „Карпино“
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ синоќа беше отворена изложбата на слики создадени на Меѓународна ликовна колонија „Карпино“.

Посетителите имаа можност да видат 40-тина дела изработени во масло на платно, акрил, комбинирана техника, инсталација и акрил на панел.
Се надевам дека публиката ќе ужива во делата на уметниците - изјави Мирослав Величковски, уметнички директор на колонијата.
На годинешнава колонија која се одржа во септември годинава учествуваа десетина уметници од Романија, Бугарија, Србија и Македонија.
- Делата од оваа ликовна колонија ќе бидат презентирани и пред пошироката јавност во градовите во Македонија- најави Зоран Павловски, претседател на Мултимедијалното здружение „Карпино“ - организатор на колонијата.
Градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјановски на отварањето рече дека општината ќе продолжи со поддршката на оваа ликовна колонија и на сите останати, бидејќи тие се бренд на градот.
Изложбата „Карпино“ се одржува во рамки на програмата за одбележување на Денот на ослободување на Куманово, со поддршка на градоначалникот и советот на општината.