Лујза Винтон прогласена за почесен граѓанин на Куманово
Лујза Винтон, постојаниот претставник на УНДП во Македонија на денешната 43- та седница на Советот на општина Куманово, беше прогласена за почесен граѓанин на Куманово.

Мнозинството советници се изјаснија позитивно за предлогот на градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски кој објасни дека Винтон придонела за градот на 9 и 10 мај кога имаше вооружени дејствија во градот и се заложила за проблемот со бегалската криза во земјава.
Во неколку наврати имавме прилика да ја видиме во нашиот град, кога ни беше најпотребна помош почнувајќи од 9 и 10 мај. Го стави на располагање својот кредибилитет, за рехабилитација на населението и помош за граѓаните преку поддршка на проекти - кажа Снежана Захариева, советник и претседател на комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди и признанија.
Советниците од Коалицијата За подобра Македонија негодуваа и рекоа дека Винтон не е позната за пошироката јавност и граѓаните.
Според мене треба да се исполнат повеќе услови и да се препознатливи за населението во Куманово. Ако излеземе и направиме анкета со граѓаните, 10 отсто нема да знаат која е. Јас барем не знам ниту еден проект, треба да се наведе - изјави Драган Петковски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Советот, Максим Димитриевски го пофали ангажманот на Винтон и потсети дека во 2003 година американскиот дипломат Лоренс Батлер е прогласен за почесен граѓанин на Куманово.